Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека најверојатно ќе го направи своето прво странско патување во Саудиска Арабија за да склучи договор со Ријад за инвестирање повеќе од 1 трилион долари во американската економија, вклучително и купување на воена опрема.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека најверојатно ќе отпатува таму во текот на следниот месец и половина. Тој истакна дека првото патување во странство од неговиот прв мандат беше во Ријад во 2017 година за да ги објави саудиските инвестиции проценети на 350 милијарди долари во тоа време.
„Овој пат тие станаа побогати, сите ние остаревме“, рече Трамп.
Тој рече дека, под негови инструкции, Саудијците биле подготвени да инвестираат трилион долари во текот на четири години во американски компании, вклучително и купување на американска воена опрема.
„И тие се согласија да го направат тоа, па јас ќе одам таму и имам одличен однос со нив, а тие беа многу љубезни“, рече Трамп.
Саудиска Арабија презема сè позначајна улога во американската надворешна политика. Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им изјави на новинарите дека Саудијците ќе бидат домаќини на американско-украинскиот состанок следната недела на кој ќе се разговара за прекин на огнот во украинската војна.
Во февруари, Трамп се состана со претставници од PGA Tour и LIV Golf во саудиска сопственост, за да разговараат за надминување на јазот меѓу двете компании.
Џаред Кушнер, зет на претседателот и советник за Блискиот Исток за време на неговиот прв мандат, основаше приватна компанија која доби 2 милијарди долари саудиски инвестиции откако Трамп ја напушти функцијата.
Текстот Трамп оди во Саудиска Арабија, сака договор од трилиони долари е превземен од МАКФАКС.