Администрацијата на претседателот Доналд Трамп и претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, јасно ставија до знаење за време на состанокот во Овалната соба дека мажот од Мериленд, кој неправедно беше депортиран во Ел Салвадор, нема да биде вратен во Соединетите држави.
Иако американскиот Врховен суд одлучи дека американските власти мора да го „олеснат“ враќањето на Килмар Армандо Абрего Гарсија, претставници на Белата куќа тврдат дека одлуката за неговото враќање зависи исклучиво од Ел Салвадор.
Запрашан директно од новинарката Кејтлан Колинс од Си-ен-ен дали ќе го врати, Букеле рече дека идејата е апсурдна:
„Се надевам дека не ми сугерирате да прошверцувам терорист во Соединетите држави. Како можам да прошверцувам терорист во САД? Се разбира, нема да го сторам тоа. Самото прашање е апсурдно“, рече Букеле.
Високи претставници на администрацијата ја оспоруваат одлуката на судот, тврдејќи дека судот не може да интервенира во водењето на надворешната политика. Врховниот суд не ја поништи одлуката на понискиот суд, но рече дека владата мора да го олесни враќањето доколку се согласи Ел Салвадор, но дека не е обврзана самата да го спроведе.
Иако Трамп претходно изјави дека го почитува Врховниот суд и дека ќе го врати доколку тоа му биде наредено, тој вчера избегна да даде јасен одговор.
На состанокот во Овалната соба, Трамп го повтори ставот на неговата администрација, повикувајќи ги државниот секретар Линда Мекмахон, државниот обвинител Пем Бонди и советникот Стивен Милер да потврдат дека САД немаат овластување да го вратат Абрего Гарсија без согласност на Ел Салвадор.
„Ако Ел Салвадор сака да го врати, ќе олесниме – на пример, ќе обезбедиме авион“, рече Бонди.
Абрего Гарсија илегално влегол во САД околу 2011 година, но судијата за имиграција во 2019 година пресудил дека не треба да биде депортиран бидејќи го гонела банда во Ел Салвадор која му се заканувала со смрт поради бизнисот на неговото семејство.
И покрај таа одлука, тој беше депортиран, а сега администрацијата на Трамп одлучи да не го враќа.
Текстот Трамп одбива да го врати погрешно депортираниот човек и покрај одлуката на Врховниот суд е превземен од МАКФАКС.