Доколку по вторпат влезе во Белата куќа, републикански претседателски кандидат, Доналд Трамп, не ја исклучува можноста за изградба на кампови за задржување на мигрантите кои илегално влегуваат во земјата, јавуваат британските медиуми.
Оваа своја позиција Трамп ја претстави во интервју за магазинот „Тајм’“. Запрашан дали ќе изгради нови кампови за сместување мигранти како дел од неговото предизборно ветување дека ќе ја преземе најголемата депортација на илегални мигранти во историјата на земјата, тој каж: „Не би го исклучил тоа. Но, нема толку голема потреба од кампови “, одговори Трамп. Според него, планот е илегалните мигранти на територијата на САД што поскоро да бидат депортирани назад во нивните родни земји, пренесува МИА.
-Нема да ги оставам во САД. Ќе ги изнесам од државата, нагласи републиканскиот претседателски кандидат.
Британските медиуми пренесуваат дека нелегалното преминување на границата меѓу САД и Мексико е централната тема во кампањата на Трамп против демократскиот претседател Џо Бајден, кој се кандидира за втор четиригодишен мандат.
Според анкетите на јавното мислење, имиграцијата е клучно прашање за гласачите.
Трамп посочи дека ќе мобилизира воен персонал од Националната гарда за да помогне во планот за депортација, но не ја исклучи можноста за испраќање активна војска од редовниот состав на армијата.
-Не мислам дека ќе има потреба да се направи тоа. Мислам дека Националната гарда може да го направи тоа. Ако тие не можат да го направат тоа, тогаш јас ќе ја употребиме армијата, објасни Трамп во интервјуто за „Тајм“.