Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека неговото одложување од 75 дена во спроведувањето на забраната за кинеската апликација за кратко видео „Тик ток“ може да биде продолжено, но тој не смета дека тоа ќе биде неопходно.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека сè уште се надева дека ќе постигне договор со „Тик ток“ за да ја задржи апликацијата активна во Соединетите држави, објави Ројтерс.
„Па, имам 90 дена од пред две недели и сигурен сум дека може да се продолжи. Но, да видиме. Мислам дека нема да биде потребно“, рече Трамп на прашањето дали истекува рокот за забрана на „Тик ток“ во САД.
Тој рече дека има многу заинтересирани за купување на социјалната мрежа и рече дека нејзиниот имиџ е променет од изборите во 2024 година и оти смета дека апликацијата е фер и корисна за привлекување млади гласачи.
Тој додаде дека верува оти кинескиот претседател Си Џинпинг ќе се согласи да ја одобри продажбата на „Тик ток“ на американски купувач, бидејќи тоа исто така би било во интерес на Кина.
„Ќе ѝ исплатам на Кина да го направи тоа“, рече Трамп, без да даде никакви детали.
Судбината на „Тик ток“ во САД е неизвесна откако на 19-ти јануари стапи на сила законот кој бара од неговиот кинески сопственик, „Бајт Денс“ или да го продаде поради национална безбедност или да се соочи со забрана.
Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, Трамп потпиша извршна наредба со која се обидува да го одложи спроведувањето на законот за 75 дена.
Текстот Трамп најави дека рокот за „Тик ток“ може да биде продолжен е превземен од МАКФАКС.