Администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп донесе одлука да го одземе правото на Харвард да запишува меѓународни студенти, дополнително интензивирајќи го конфликтот со најстариот американски универзитет.
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, објави дека владата го повлекла сертификатот на Харвард за учество во Програмата за студенти и посетители на размена, поради, како што таа го нарече, „непочитување на законот“.
„Нека ова биде предупредување за сите универзитети и образовни институции низ целата земја“, рече Ноем.
Харвард ја нарече одлуката „нелегална“ во кратко соопштение до медиумите. Според официјалните универзитетски податоци, речиси 7.000 меѓународни студенти биле запишани на Харвард минатата академска година, што претставува 27,2 проценти од вкупната студентска популација.
Администрацијата на Трамп минатиот месец замрзна повеќе од 2,2 милијарди долари федерално финансирање за Харвард, откако универзитетот одби да исполни список барања на Белата куќа, вклучително и борба против антисемитизмот. Тие го обвинија Харвард за непочитување на законот, дозволување на пропалестински протести и ширење култура на привилегии, додека универзитетот го опиша потегот како нелегален обид за политичко мешање во академската автономија.
Спорот ескалираше откако Белата куќа побара промени во управувањето, вработувањето и запишувањето, вклучително и елиминирање на програмите за различност, вработување државен ревизор и пријавување на студенти како „непријателски настроени кон американските вредности“.
Харвард ги отфрли условите и рече дека нема да се откаже од својата независност, по што започна правна битка против владата, обвинувајќи ја за напад врз слободата на говорот и академската слобода.