Две руски балистички проектили вчера го погодија самиот центар на северниот украински град Суми, при што загинаа најмалку 34 лица, а беа повредени 117, во најсмртоносниот напад врз Украина оваа година, соопштија украинските власти. На нападот реагираше и Трамп.

Тој рече дека рускиот напад врз Суми бил страшен.

„Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка. Но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта. Соединетите држави никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота“, им рече тој на новинарите на Air Force One на враќање во Вашингтон.

Запрашан да разјасни што сака да каже со грешката, Трамп рече: „Тие направија грешка… ќе мора да ги прашате“, без да прецизира на кого точно се мисли или за каква грешка се работи, пренесе агенцијата Франс прес.

„Ова е војна на Бајден. Тоа не е моја војна“, рече тој, мислејќи на поранешниот претседател Џо Бајден, додавајќи: „Само се обидувам да ја прекинам оваа војна за да можеме да спасиме многу животи“.

Текстот Трамп: Мислам дека Русија по грешка го гранатираше центарот на градот е превземен од МАКФАКС.