Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе секундарни царини од 25 до 50 отсто за целата руска нафта, доколку почувствува дека Москва ги попречува неговите напори да стави крај на војната во Украина, а тие би можеле да стапат во сила во рок од еден месец доколку не дојде до прекин на огнот.

Трамп изјави за „Ен би си њуз“ дека бил лут и изнервиран кога рускиот претседател Владимир Путин го критикувал кредибилитетот на раководството на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп вели дека планира да разговара со Путин оваа недела.

За време на неговата претседателска кампања во 2024 година, Трамп постојано ветуваше дека ќе стави крај на, како што ја нарекува, смешната војна во Украина, а тој беше силно фокусиран на ова прашање откако ја презеде функцијата на 20 јануари. Самиот Трамп побара нови избори во Украина и во еден момент го нарече Зеленски диктатор.

Путин во петокот предложи Украина да биде ставена под привремена администрација за да се овозможат нови избори и потпишување клучни договори.

„Ако Русија и јас не можеме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина, и ако верувам дека за тоа е виновна Русија, ќе воведам секундарни царини за нафтата, за целата нафта што доаѓа од Русија“, рече Трамп.

„Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД“, додаде Трамп.

Тој рече дека царините за руската нафта би стапиле на сила во рок од еден месец без договор за прекин на огнот. Трамп велика дека Путин знае дека е лут на него, но нагласи дека имаат многу добри односи и дека лутината брзо ќе стивне ако ја направи вистинската работа.

Текстот Трамп: Лут сум на Путин е превземен од МАКФАКС.