Протестите во Лос Анџелес траат со денови, а прво избувнаа поради рации и депортации на мигранти. Протестите станаа насилни, а американскиот претседател Доналд Трамп ја испрати Националната гарда во градот без согласност на државата, според светските агенции.

Трамп повторно се огласи на Truth Social и рече дека одлуката за испраќање на Националната гарда во Лос Анџелес била неопходна и правилна.

„Донесовме одлична одлука кога ја испративме Националната гарда за да се справи со насилните, поттикнати немири во Калифорнија. Да не го сторевме тоа, Лос Анџелес ќе беше целосно уништен.

Крајно некомпетентниот „гувернер“, Гевин Њускам, и „градоначалничката“, Карен Бас, треба да ми кажат: „Ви благодарам претседателу Трамп, вие сте прекрасни. Ние не сме ништо без вас господине“.

„Наместо тоа, тие избраа да ги лажат луѓето од Калифорнија и Америка тврдејќи дека не сме потребни и дека ова биле „мирни протести“. Еден поглед на фотографиите и снимките од насилството и уништувањето е доволен за да стане сè јасно. Секогаш ќе направиме што е потребно за да ги заштитиме нашите граѓани, за да можеме заедно повторно да ја направиме Америка голема“.

Началникот на полицијата на Лос Анџелес, Џим Мекдонел, рече дека нивото на насилство во градот по антиимиграциските протести е „одвратно“ и предупреди дека ситуацијата се влошува со секој изминат ден.

„Видов насилство кое е одвратно. Беше лошо од самиот почеток, но она што се случуваше во последните денови станува полошо и поопасно“, рече Мекдонел.

Мекдонел рече дека полицијата ги прилагодила своите тактики за да ги изведе одговорните пред лицето на правдата и им се заблагодари на сите полицајци и партнерски агенции за нивната работа.

Тој додаде дека верува оти насилните луѓе немаат никаква врска со граѓаните кои мирно протестираат против федералните политики за имиграција во текот на денот. „Кога гледам кој го предизвикува насилството, ова не се истите луѓе што ги гледаме преку ден, кои легитимно ги изразуваат своите ставови“, рече Мекдонел.