Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина го прекршила договорот за царини со САД.

„Кина, можеби не е изненадувачки, целосно го прекрши договорот со нас. Толку од тоа да бидам добар!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.

„Пред две недели, Кина беше во сериозна економска опасност. Многу високите царини што ги воведов ѝ направија речиси невозможно на Кина да тргува на пазарот на Соединетите Американски Држави, кој е убедливо најсилниот во светот.

Практично ги прекинавме односите со Кина преку ноќ и тоа беше катастрофално за нив. Многу фабрики беа затворени и имаше, благо речено, „граѓански немири“. Видов што се случува и не ми се допадна – заради нив, а не заради нас. Брзо склучив договор со Кина за да ги спасам од она што мислев дека ќе биде многу лоша ситуација, а не сакав тоа да се случи.

Благодарение на тој договор, сè брзо се стабилизираше и Кина се врати на вообичаениот начин на работа. Сите беа среќни. Тоа е добра вест.

Лошата вест е дека Кина, можеби не е изненадувачки за некои, целосно го раскина договорот со нас. Толку за тоа да бидам добриот господин, напиша Трамп на оваа социјална мрежа.

Трговските разговори на САД со Кина се „малку заглавени“ и веројатно ќе бараат директен ангажман меѓу претседателот Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг за да се постигне договор, изјави американскиот секретар за финансии Скот Бесент, за „Фокс њуз“ во четвртокот.

Две недели по напредокот во разговорите што резултираа со привремено примирје во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот, Бесент рече дека напредокот е бавен оттогаш, но додаде дека очекува повеќе разговори во наредните недели.