Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека Канада може да се приклучи на планираниот американски противвоздушен одбранбен штит, познат како „Златна купола“, или со плаќање 61 милијарда долари или со приклучување кон САД.

„И кажав на Канада, која навистина сака да биде дел од нашиот фантастичен систем „Златна купола“, дека ќе ги чини 61 милијарда долари ако останат посебна, но нееднаква нација, но ќе ги чини НУЛА ДОЛАРИ ако станат нашата сакана 51-ва држава. Тие ја разгледуваат понудата!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Неговите коментари дојдоа кратко откако канадскиот премиер Марк Карни изјави за Си-Би-Си дека сака да потпише голема европска одбранбена иницијатива до 1 јули и да стане дел од европскиот план за вооружување „Реарм Европа“, потег насочен кон намалување на зависноста на земјата од САД за оружје и муниција.

Карни постојано ги отфрла потезите на Трамп Канада да стане 51-ва земја. На неодамнешната средба со Трамп во Овалната соба, тој рече дека Канада не е на продажба.

Минатата недела, Трамп откри повеќе детали за неговиот проект од 175 милијарди долари, велејќи дека ќе биде оперативен пред крајот на неговиот мандат во 2029 година и ќе биде способен да пресретнува беспилотни летала и ракети од каде било во светот, па дури и од вселената.

Трамп ја започна иницијативата „Златна купола“ кратко по преземањето на функцијата во јануари. Системот ќе биде моделиран според израелската „Железна купола“, но прилагоден на американските услови и интегриран со постојната одбранбена инфраструктура.