Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, не постигнаа договор за прекин на војната во Украина по тричасовен разговор. Средбата, според нив, беше многу продуктивна. Трамп рече дека ќе контактира со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и со лидерите на НАТО за да ги пренесе информациите од состанокот.

Путин изјави дека е постигнат договор, но не даде детали, пренесува Фокс њуз.

„Денешната спогодба ќе биде почетна точка не само за решение во Украина, туку ќе ни помогне и да го обновиме бизнисот… меѓу Русија и САД“, рече Путин.

Путин ја опиша нацијата Украина како „братска нација“, но продолжи велејќи дека „примарните корени“ на конфликтот мора да бидат „елиминирани“.

Трамп потоа го опиша самитот како „исклучително продуктивен“ и рече дека е постигнат договор за „многу точки“, но не прецизираше кои договори се постигнати.

Но, Трамп исто така рече дека страните „сè уште не ја достигнале целната линија“ во постигнувањето мировен договор.

„Имаше многу, многу точки за кои се согласивме, повеќето од нив, би рекол. Не стигнавме до целта за неколку големи точки, но постигнавме одреден напредок. Нема договор додека не e постигнат договор“, рече Трамп.

Трамп јасно стави до знаење дека се надева оти следниот чекор ќе биде лична средба меѓу Зеленски и Путин, иако не е јасно дали е постигнат напредок во реализацијата на оваа средба.

Во интервју за Фокс њуз по средбите, Трамп рече: „Сакам луѓето да престанат да умираат. Мислам дека Путин сака ова да заврши.“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков зборуваше во име на кабинетот на Владимир Путин. Песков ја оцени средбата меѓу Путин и Трамп како „многу позитивна“.

„Разговорот беше навистина многу позитивен и двајцата лидери го кажаа тоа. Ова е вид разговор што ни овозможува цврсто да се движиме по патот на заедничко барање опции за мирно решение“, заклучи Песков.

Текстот Трамп и Путин не постигнаа договор за прекин на војната во Украина е превземен од МАКФАКС.