Администрацијата на Трамп ќе понуди 1.000 долари и помош за патување на сите мигранти кои ќе одлучат доброволно да се „самодепортираат“ од Соединетите Американски Држави, соопшти во понеделникот Министерството за внатрешна безбедност. Понудената сума пари и потенцијалната авионска карта за мигрантите кои ќе одлучат доброволно да заминат би чинеле помалку од самата депортација, соопшти министерството, пренесуваат светските агенции.
Според написите, просечната цена на апсење, притворање и депортирање на лице без правен статус е околу 17.000 долари. Претседателот Доналд Трамп, републиканец, вети по преземањето на функцијата во јануари дека ќе депортира милиони луѓе од земјата, но досега заостанува зад својот демократски претходник Џо Бајден по ова прашање, анализираат медиумите.
Според одделот, администрацијата на Трамп депортирала 152.000 луѓе од 20 јануари, што е намалување во однос на 195.000 депортирани помеѓу февруари и април минатата година, кога Бајден беше претседател.
Трамп го откри планот во април, велејќи дека САД ќе разгледаат можност за враќање на доброволно депортираните мигранти. „Ако се добри, ќе работиме со нив за да ги вратиме што е можно поскоро“, рече тој тогаш.
Министерството додаде дека сите оние кои доброволно ќе одлучат да ги напуштат САД „можат да придонесат“ за можноста за легално враќање, но не е наведен никаков конкретен метод или програма.