Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека му дал на Хамас „последно предупредување“ да прифати договор за ослободување на заложниците, тврдејќи дека „Израелците ги прифатија моите услови“. Тој повика на крај на војната и предупреди на „последици“ доколку Хамас одбие.
„Време е Хамас да прифати. Ги предупредив за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување – нема да има второ“, рече Трамп во објава на социјалните мрежи.
Според израелската станица N12, цитирана од Ројтерс, рамката на договорот вклучува ослободување на сите преостанати заложници на првиот ден од прекинот на огнот во замена за ослободување на илјадници палестински затвореници и би послужила како основа за разговори за завршување на војната. Израелски функционер изјави дека предлогот „сериозно се разгледува“.
Трамп претходно испрати слични пораки и најави зголемен притисок врз Хамас, а американските претставници потврдија директни контакти со организацијата како дел од преговорите за заложниците, според Асошиејтед Прес.
Во исто време, израелската влада вели дека завршувањето на војната би вклучувало безусловно ослободување на заложниците, предавање и разоружување на Хамас и неговите лидери отстранети од власт во Газа, пишува Ројтерс.
Текстот Трамп до Хамас: Ова е вашето последно предупредување, нема да има друго е превземен од МАКФАКС.