Доналд Трамп денеска треба да се појави во пред судот во Њујорк под обвинение дека за време на изборната кампања во 2016 година ѝ платил 130 000 долари на порноѕвездата Сторми Даниелс во замена таа да молчи за нивната афера.

Advertisements

Трамп на судењето нема да биде донесен со лисици на рацете, според договорот што неговиот правен тим го постигна со окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брег, пренесува „Гардијан“.

Во градот се преземаат засилени безбедносни мерки во очекување на протести пред судот во Долен Менхетн, каде што Трамп треба да се појави во 20:15 часот по македонско време, за кога е закажано првото сослушување. Тогаш конечно ќе се дознае и со какви обвинувања се соочува, чија бројка, според американските медиуми, се движи од едно до 30.

Адвокатите на Трамп веќе кажаа дека тој ќе се изјасни како невин. Доколку Трамп се изјасни за невин, судијата ќе закаже дополнително сослушување или судење.

Се очекува тој прво да му се предаде на окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брeг, по што ќе биде спроведен во судот.

Судијата Хуан Мерчан забрани употреба на дигитални уреди во судницата на сослушувањето на Трамп, но ќе дозволи да се направат неколку фотографии пред да започне сведочењето.