Американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази незадоволство од Русија поради нејзиниот најнов смртоносен напад врз Киев, во кој загинаа 27 лица, меѓу кои и тројца деца.

„Русија, мислам дека е одвратно тоа што го прават. Мислам дека тоа што Русија го прави е многу тажно. Многу Руси умираат“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа. Повторно најави нови санкции за Москва, но не откри детали.

„Не знам дали санкциите го загрижуваат“, призна Трамп, мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин. Западните земји веќе воведоа низа економски мерки против Русија, со цел да ѝ се ускратат средствата потребни за финансирање на војната.

Трамп објави и дека неговиот специјален изасланик, Стив Виткоф, ќе отпатува во Москва по посетата на Израел, каде разговара со израелските претставници за ситуацијата во Газа. „Оди во Русија. Верувале или не“, рече тој.

Во меѓувреме, високиот американски дипломат Џон Кели изјави во Советот за безбедност на Обединетите нации дека Трамп поставил рок до 8 август за постигнување договор за прекин на огнот во Украина.

„И Русија и Украина мора да преговараат за прекин на огнот и траен мир. Време е да се постигне договор. Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека тоа мора да се случи до 8 август“, изјави Кели.

Одделно, американскиот државен секретар Марко Рубио појасни дека, по шест месеци чекање на дипломатска соработка, Трамп наскоро ќе мора да одлучи колку активно ќе продолжи со напорите за постигнување прекин на огнот ако една од страните одбие примирје.

Рубио потврди дека американски и руски претставници воделе приватни разговори за војната во Украина, но Вашингтон сè уште не видел никаков напредок во тие преговори.

Текстот Трамп: Грозно е тоа што го прави Русија е превземен од МАКФАКС.