Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги ослободи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет тарифи, вклучително и давачките од 145 отсто за кинескиот увоз.
Во известувањето објавено денеска од Царината и граничната заштита на САД се наведува дека ослободувањето ќе важи и за стоките што влегле во земјата или излегле од складиште по 5 април.
Администрацијата на Трамп вели дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната тарифна стапка од 10 отсто, ниту според повисоката стапка што се однесува исклучиво на кинеските производи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина.
Бројни други електронски делови, вклучително и полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, исто така се изземени, во обид на администрацијата на Трамп да се заштити од негативното влијание врз домашната индустрија.
80 отсто од iPhone телефоните наменети за американскиот пазар се произведуваат во Кина, а останатите 20 отсто во Индија. Поради зголемената царинска несигурност, Apple и другите производители, како што е Samsung, со години се обидуваат да ги диверзифицираат производствените синџири со преместување на дел од нивниот капацитет во Индија и Виетнам.