Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација сака имиња и земји на сите странци кои студираат на Харвард, сугерирајќи дека странските земји, особено оние кои се непријателски настроени кон САД, треба да придонесат за финансирање на образованието на нивните студенти.

„Зошто Харвард не соопшти дека речиси 31 отсто од нивните студенти се од странски земји, и додека некои од нив воопшто не се пријателски расположени кон Соединетите држави, тие не плаќаат ништо за образованието на своите студенти, ниту пак имаат намера да го направат тоа“, напиша Трамп на „Тру соушал“.

Тој истакна дека неговата администрација сака да знае кои се и од каде се странските студенти и додаде дека Харвард „не е многу отворен“.

„Ги сакаме тие имиња и земји“, рече Трамп.

Според податоците на Харвард, во оваа учебна година 27 отсто од студентите доаѓаат од странство, а најмногу се од Кина, Канада, Индија, Јужна Кореја и Велика Британија.

Во учебната 2024-2025 година на Харвард беа запишани 6.793 студенти на додипломски и магистерски студии од 147 земји.

Странските студенти немаат право на какво било федерално финансирање, според делот за финансиска помош на веб-страницата на Харвард, додавајќи дека колеџот има свои пари за стипендии, кои се достапни за странски студенти.

Текстот Трамп бара имиња на странските студенти кои студираат на „Харвард“: Сакаме да знаеме од каде се е превземен од МАКФАКС.