Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе многу повисоки тарифи за Европската Унија (ЕУ) и за Канада доколку соработуваат во борбата против царините.

„Доколку Европската Унија застане на страната на Канада за да им нанесе економска штета на САД, тие ќе бидат погодени со огромни царини, многу поголеми од моментно планираните, за да го заштитат најдобриот пријател што секоја од овие две земји некогаш го имала“, објави Трамп на Truth Social.

Трамп вчера објави дека ќе воведе царина од 25 отсто за сите автомобили што не се произведени во САД, а давачките ќе стапат во сила на 2 април. Помошникот на Трамп во Белата куќа, Вил Шарф, објасни дека новите царини се однесуваат на странските автомобили и на лесни камиони и доаѓаат како дополнување на веќе воведените тарифи.

Најзначајно, тарифите ќе важат и за автоделовите – од кои многу се испорачуваат во САД од странство и се користат за производство на американски автомобили. Шарф процени дека мерките ќе резултираат со „над 100 милијарди долари нов годишен приход“ во САД.

Глобалните пазари се во превирања бидејќи се отвори нов фронт во ескалирачката глобална трговска војна. Акциите на американските и на азиските производители на автомобили паднаа по објавата на Трамп. Трамп веќе ги промени долгогодишните глобални трговски односи со воведување увозни царини за стоки што доаѓаат од Мексико, Канада и од Кина, како и давачки за целиот увоз на челик и алуминиум.

Белата куќа вели дека најновите царини ќе ја заштитат и зајакнат американската автомобилска индустрија, иако аналитичарите посочуваат дека американските производители на автомобили користат делови од целиот свет за да ги склопат, што значи дека и тие би можеле да бидат засегнати од царините.

ЕУ и Канада допрва треба да издадат изјава во која сугерираат дека ќе се обединат за да им наштетат на САД, како што беше наведено во најавата на Трамп, но и двете сигнализираа дека може да возвратат на најновите царини, пренесуваат медиумите во светот.

Текстот Трамп: Ако Канада и ЕУ се обединат за да ни наштетат, ќе им наметнам многу повисоки царини е превземен од МАКФАКС.