Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагираше откако СДСМ го повика на одговорност затоа што притворениот Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова, беше фотографиран со мобилен телефон во притворското одделение во затворот „Шутка“.
„Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда.
Но, суштината не е во “незнаењето“, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа.
Јавноста бара правда, а не политички театар и навистина е срамно тоа што СДСМ и во оваа трагедија не успеа да покаже барем малку достоинство“, напиша Тошковски на Фејсбук.
22-годишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесет годишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Текстот Тошковски: Затворите не се во надлежност на МВР, СДСМ избраа да водат некрофилска кампања е превземен од МАКФАКС.