Топењето на глечерите низ целиот свет може да предизвика долго неактивните вулкани да се разбудат под мразот, проценија научниците на конференцијата „Голдсмит 2025“ во Прага.
Ново истражување открива дека масивните ледени покривки ги потиснувале ерупциите илјадници години, создавајќи подземен притисок. Но, како што таа ледена тежина исчезнува, таа може да предизвика бран експлозивни ерупции, особено на места како Антарктикот, објавува „Сајенс дејли“.
На конференцијата, која се одржува од 6 до 11 јули во Прага, научниците истакнаа дека оваа неочекувана вулканска закана не само што претставува регионален ризик, туку може да ги забрза и климатските промени.
Научниците сугерираа дека топењето на глечерите може да ослободи моќни вулкански ерупции со отстранување на тежината што ја држи магмата заробена длабоко под земја. Антарктикот, велат тие, може да содржи стотици од овие експлозивни темпирани бомби. Топењето на глечерите може тивко да ги постави темелите за поексплозивни и чести вулкански ерупции во иднина, според студија на шест вулкани во Чилеанските Анди, објавува „Танјуг“.
Студијата, презентирана на конференцијата во Прага, сугерира дека стотици неактивни вулкани низ целиот свет, особено на Антарктикот би можеле да станат поактивни поради климатските промени што го забрзуваат повлекувањето на глечерите.
Врската помеѓу повлекувањето на глечерите и зголемената вулканска активност е позната во Исланд уште од 1970-тите, но ова е една од првите студии што го истражуваат феноменот во континенталните вулкански системи.
Истражувачите откриле дека за време на врвот на последното ледено доба, дебелата ледена покривка го потиснува бројот на ерупции и дозволува голем резервоар на магма богата со силициум да се акумулира 10-15 км под површината.
„Со текот на времето, кумулативниот ефект од повеќекратни ерупции може да придонесе за долгорочно глобално затоплување поради акумулацијата на стакленички гасови“, рече Морено-Јегер, пренесува Танјуг.
Текстот Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика вулкански ерупции е превземен од МАКФАКС.