Видео-апликацијата Тик Ток вели дека го прекинува преносот во живо и новите содржини на својот видео сервис во Русија додека ги разгледува безбедносните импликации на новиот закон со кој се заканува да го затвори секој за кој властите сметаат дека шири „лажни“ вести за вооружените сили.
Платформата вели дека нејзината услуга за пораки во апликација нема да биде засегната.
„Ќе продолжиме да ги проценуваме околностите кои се развиваат во Русија за да одредиме кога целосно би можеле да ги обновиме нашите услуги со безбедност како наш главен приоритет“, велат од компанијата.
Голем број меѓународни медиумски организации ја прекинаа својата работа во Русија, поради загриженоста за безбедноста на нивните работници со новиот закон. Тие вклучуваат Би-Би-Си, Блумберг Њуз, канадскиот ЦБЦ, германските јавни радиодифузери АРД и ЗДФ и италијанскиот Раи, меѓу другите.
Руската влада во меѓувреме го забрани пристапот до Фејсбук.