По неколку неуспешни тестови за полнење гориво кај новата „СЛС“-ракета, американската вселенска агенција НАСА одлучи да го врати леталото во вселенскиот центар „Кенеди“. Тестирањето на лансирната рампа е прекинато и сѐ уште не се знае кога ќе продолжи, а сега следат поправки.
Од 1 април, НАСА трипати се обиде да спроведе тестирање поврзано за мисијата „Артемис 1“, што вклучува патување до Месечината. Станува збор за тестирање на процедурата за одбројување на „СЛС“. Проблемот е поврзан и со снабдувањето со азот. НАСА, исто така, има намера да ја искористи оваа можност за да го замени неисправниот вентил за хелиум, како и да го реши проблемот со малите истекувања на водород што техничарите ги открија на еден од доводите за гориво.
– Нема сомнеж дека ќе спроведеме тестови кои ќе не одведат на следниот чекор во овој потфат. Ќе ги преземеме сите чекори и ќе ја лансираме оваа ракета, изјави директорот одговорен за мисијата, Чарли Блеквел-Томпсон.
Одложувањето може да влијае на крајниот рок за спроведување на мисијата. НАСА нема да објави конечен датум за лансирање додека ракетата не ги мине предвидените тестови.