Просечната температура на површината на светските океани на почетокот на април достигна 21,1 степен, што е највисока во историјата од почетокот на сателитското снимање.
Американската Национална агенција за океани и атмосфера (НОАА) објави податоци од кои произлегува дека е соборен претходниот рекорд од 2016 година, кога температурата на океаните во овој период од годината била 21 степен, пишува Гардијан.
– Сегашната траекторија на пораст на температурата на океаните ги урива сите претходни рекорди, а се чини дека бројките ќе бидат уште повисоки, изјави климатологот од Универзитетот во Нов Јужен Велс, професор Метју Ингланд.