Пресудата за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во случајот со актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс е закажана за петок, откако судијата ја одби жалбата на адвокатите на Трамп.

Судијата Хуан Меркан нареди пресудата да биде изречена во петок, нешто повеќе од една недела пред Трамп да ја преземе функцијата.

Трамп, кој би можел да стане првиот претседател во историјата на САД кој ќе влезе во Белата куќа со кривична пресуда, сепак може да побара од Апелациониот суд да го одложи изрекувањето на пресудата или да побара интервенција од друг суд.

Адвокатите на Трамп претходно посочија дека случајот може да стигне до Врховниот суд на САД.

Адвокатите му кажаа на судијата дека Трамп ќе присуствува на изрекувањето на пресудата преку видео врска.

Додека Трамп тврдеше дека за претседателскиот имунитет и за неговиот претстоен втор мандат е потребно поништување на пресудата, Меркан во својата пресуда од 3 јануари напиша дека само ако се стави крај на оваа работа ќе биде во интерес на правдата.

Трамп ќе има можност да зборува на изрекувањето на пресудата како и неговите адвокати и обвинители.

Откако ќе му биде изречена казната, може да се жали на пресудата, како што најави.

Случајот произлезе од исплата на 130.000 долари од поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс.

Исплатата, според обвинението, била компензација за нејзиното молчење пред изборите во 2016 година за сексуален однос со Трамп за кој Сторми тврди дека се случил пред една деценија, што тој го негира.

Поротата на Менхетен во мај го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да се прикрие исплатата.

Тоа беше првпат американски претседател, поранешен или сегашен, да биде осуден или обвинет за кривично дело.

За фалсификување деловни книги се предвидува затворска казна до четири години, но затворската казна не е задолжителна.

Текстот Судијата го одби барањето да се одложи пресудата на Трамп за случајот со Сторми Даниелс е превземен од МАКФАКС.