Денеска во Судот на БиХ ќе заврши едногодишното судење на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, под обвинение дека не ги спроведувал одлуките на високиот претставник, а Додик и неговите најблиски соработници се заканија со „радикални мерки“ доколку биде прогласен за виновен и осуден.
Завршното рочиште во постапката против Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ е предвидено за изнесување на завршните зборови на обвинителството и одбраната. Доколку тоа се заврши во текот на денот, судијата Сена Узуновиќ може да ја соопшти пресудата веднаш или најдоцна во рок од три работни дена, односно најдоцна до 25 февруари.
Додик и Лукиќ се обвинети дека овозможиле објавување во Службен весник два закони донесени од Парламентот на РС во 2023 година, иако високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништил.
Затоа Обвинителството на БиХ поднесе обвинение против нив во август 2023 година, а судењето започна во февруари 2024 година.
Во БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник е кривично дело за кое се казнува затворска казна до пет години, а пресудата во случајот на Додик би значело автоматско отстранување од функцијата претседател на РС.
Додик се состана со своите најблиски соработници зад затворени врати во понеделникот вечерта во Бања Лука за да одлучи што да прави доколку биде осуден.
По таа средба до медиумите беше доставено соопштение полно со заканувачки најави, во кое очекуваната пресуда против Додик беше означена како „државен удар“.
„Националното собрание, Владата и сите институции на РС ќе постапат на начин што ќе донесат радикални одлуки како одговор на каква било пресуда на Судот на БиХ. Исто така, сите претставници на српскиот конститутивен народ во РС на ниво на БиХ, како и сите вработени во органите на БиХ, ќе се повлечат од заедничките институции и ќе престанат со работа“, се вели во соопштението.
Текстот Судењето на Додик завршува денеска, тој се соочува со затвор е превземен од МАКФАКС.