Британскиот министер за емиграција Роберт Џенрик изјави дека стотици албански државјани кои илегално пристигнале во Британија се депортирани во Албанија. Тој во интервју за британските медиуми рече дека дел од нив доброволно се вратиле во Алабнија, а има и други кои избегале.
„Има стотици Албанци кои дојдоа со мали чамци и нив ги вративме со летови како резултат на процесот што го спроведуваме и договорот што го постигнавме со Албанија. Што се однесува до останатите, некои се во хотели, некои доброволно се вратија во својата земја, а некои побегнаа и токму тоа е причината поради која ги преземаме овие акции“, рече Џенрик.
Ова не е единствениот случај кога британски министер зборува со ваква конотација кога споменува албански имигранти. На изјавата на министерката Суела Бриверман пред извесно време реагираше и премиерот Еди Рама, кој рече дека е срамно да се ставаат етнички печати на криминалот, што само по себе претставува кривично дело.
„За жал, видовме прст вперен кон нас и нашата заедница во оваа земја за политички цели и тоа беше многу, многу непријатен момент за британската политика, но од друга страна, јас сум многу задоволен од вашиот премиер, поставивме јасен пат за заеднички да се справиме со сè што треба да биде исклучено од нашата врска и нашиот свет на право и правда. Во исто време да се осигураме дека неколку скапани јаболка не ја дефинираат ниту албанската заедница овде, ниту нашите односи“, рече Рама.
На изјавите на британските министри реагираше и меѓународно познатата косовска пејачка Дуа Липа, која нивниот пристап го нарече „краткоглед“. Во интервју за Сандеј Тајмс, Липа изјави дека овие зборови секако ја повредиле. „Секако дека ме повредија. Сите тие зборови што се кажани за имигрантите.
Отсекогаш сум мислела на Лондон како на спојување на култури. Дека ова е составен дел од градот. Значи, кога ќе слушнете дека Владата на тој начин зборува за Албанците, боли. Тоа е кратковидно, но тоа е начинот на кој луѓето размислуваат. Колку и да се обидуваме да ја смениме реториката, секогаш ќе има такви кои мислат дека имигрантите доаѓаат во нашата земја и ни ги земаат работните места“, рече таа.
Во декември минатата година, премиерот Риши Сунак и неговиот албански колега, Еди Рама, се согласија да ја „зголемат соработката“ во три области – „безбедносните прашања и внатрешните работи со главен фокус на борбата против организираниот криминал и нелегалната имиграција, растот и инвестиции, иновациите, млади и образование“.
Еви Шкопи