Новиот одбранбен пакт на Русија со Северна Кореја покажува зголемена усогласеност меѓу авторитарните сили и ја нагласува важноста на демократиите да претставуваат обединет фронт, изјави шефот на НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша договор со севернокорејскиот Ким Џонг Ун кој вклучува взаемна одбранбена посветеност, потег што ја менува политиката на Москва кон Пјонгјанг.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Северна Кореја и доставила „огромно количество муниција“ на Русија, додека и Кина и Иран воено ја поддржуваат Москва во војната против Украина.
„Мораме да бидеме свесни дека авторитарните сили се повеќе се здружуваат. Тие меѓусебно се поддржуваат на начин каков што досега не сме виделе“, рече Столтенберг на панел дискусија за време на официјалната посета на Отава.
„Кога тие се повеќе и повеќе обединети – авторитарни режими како Северна Кореја и Кина, Иран, Русија – тогаш е уште поважно да сме обединети како земји кои веруваат во слобода и демократија“, рече тој.
Зголемената блискост меѓу Русија и другите азиски земји значи дека е уште поважно НАТО да работи со сојузниците во Азија и Пацификот, рече генералниот секретар на алијансата, додавајќи дека затоа лидерите од Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја имаат покана за самитот на НАТО во Вашингтон следниот месец.
Извор: МИА