„За нас е неприфатливо што сѐ уште има американско нуклеарно оружје на територијата на голем број европски земји“, истакна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во видео обраќање на Конференцијата на ОН за разоружување, што се одржува во Женева. Тој додаде дека Русија ги презема сите мерки за да ја спречи Украина да поседува нуклеарно оружје.
„Развиваат сценарија за употреба на нуклеарно оружје против Русија. Крајно време е да го вратиме американското нуклеарно оружје дома и целосно да ја демонтираме поврзаната инфраструктура на Европа“, рече Лавров.
Но, обраќањето на Лавров се емитуваше во полупразна сала, откако западните претставници решија да го бојкотираат говорот на рускиот министер.
Претходно американскиот претседател Џо Бајден ги отфрли стравувањата дека тензиите меѓу Вашингтон и Москва во врска со украинската криза ќе прераснат во нуклеарна војна, а од Белата куќа истакнаа дека нема потреба за промена на состојбата на готовност на американското нуклеарно оружје.
„Ниту САД, ниту НАТО немаат желба или намера за конфликт со Русија и мислиме дека провокативната реторика, како оваа во врска со нуклеарното оружје е опасна и го зголемува ризикот за погрешна проценка. Оваа реторика треба да се избегнува. Ја разгледуваме директивата на претседателот Путин и во овој момент не гледаме причина да го промениме нашето ниво на тревога“, рече Џен Псаки – портпарол на Белата куќа.
Додека Москва зборува за напад од страна на НАТО, челниците на западните држави одлучно решија воено да ја поддржат Украина, а првиот човек на Алијансата, Столтенберг од Полска порача дека ќе продолжи да се зајакнува источното крило.
„Сојузниците на НАТО обезбедуваат различни видови на воена поддршка: материјална, со противтенковско оружје, системи за противвоздушна одбрана и други видови воена опрема за Украина, како и хуманитарна помош и финансиска поддршка. Но, НАТО не треба да биде дел од конфликтот. НАТО нема да испрати војници во Украина или да испраќа авиони во украинскиот воздушен простор“, порача Столтенберг.
„Велика Британија, нашата Влада прва разгледуваше испраќање оружје до нашите украински пријатели затоа што го прочитавме полумистичниот есеј на Путин за иднината на Украина, што претставува манифест за империјална експанзија. Затоа во јануари испративме 2.000 противтенковски ракети“, изјави Борис Џонсон – премиер на Велика Британија.
Путин во неделата го подигна нивото на борбената готовност на руското нуклеарно оружје, со образложение дека од државниците на земјите-членки на НАТО пристигнувале агресивни изјави на адреса на Москва.
Лука Андреев