Столтенберг: НАТО е посилен од Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави денеска на Конференцијата за безбедност во Минхен дека „НАТО е најсилната воена сила во светот“, што претставува речиси половина од „вкупната воена моќ на светот“.

„Ние сме посилни од Русија“, истакна Столтенберг.

Тој истакна дека целта на Алијансата е да „спречи војни“ и да не дозволи Москва погрешно да ја процени подготвеноста на НАТО да ги брани своите членки, повторувајќи дека нападот врз една членка на Алијансата ќе значи одговор од целиот сојуз.

„Се додека таа порака и е јасна на Москва, ниту еден член нема да биде нападнат. Значи, нашето одвраќање е веродостојно и не гледаме никаква воена закана против сојузниците во НАТО“, додаде Столтенберг.

Тој посочи дека по руската анексија на Крим во 2014 година, НАТО ги зголеми трошоците за одбрана.

„Оваа година очекуваме 18 земји-членки да ја исполнат квотата од два отсто од БДП трошоците за одбраната. Тоа е зголемување од 2014 година, значителен пораст, бидејќи европските сојузници и Канада додадоа 600 милијарди долари во трошоците за одбрана. Дури и членовите кои се уште не се подготвени да издвојат два отсто од БДП ќе го сторат тоа наскоро“, рече Столтенберг.

Тој истакна дека на почетокот на војната во Украина, Алијансата ги исцрпила своите резерви, кои сега се на ниско ниво, но дека се фокусира на тоа како да го зголеми производството.

„Имаме добри вести. Се градат нови фабрики, зголемено е производството, но итно треба да се направи повеќе. Така, мислам дека научивме сериозни лекции од војната во Украина. САД направија многу за да и помогнат на Украина, особено на војската, но сега проблемот е законот за помош на Украина во американскиот Конгрес, кој мора да биде донесен за да му се помогне на Кијив. Ова има директно влијание на линијата на фронтот во Украина“, истакна Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО рече дека секоја недела чекање значи дека повеќе луѓе ќе бидат убиени на фронтот во Украина.

„Сепак, не е мое да давам совети како да се донесе закон во американскиот Конгрес, но она што можам да го кажам е дека од витално значење е САД да одлучат за пакетот помош за Украина, бидејќи таа помош ни е потребна, додаде Столтенберг.

Г. Т.