Американскиот претседател Џо Бајден ја повика Москва да ги прекине своите воени активности околу областа на нуклеарната централа во Украина, додека канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека „страшните напади“ од Русија „треба веднаш да престанат“. Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека „непромислениот“ напад може „директно да ја загрози безбедноста на цела Европа“. Тројцата лидери разговараа телефонски со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во исто време, министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО на пладне се сретнаа во седиштето во Брисел на вонреден состанок на Северноатлантскиот совет. НАТО нема да биде вклучен во конфликтот во Украина со свои трупи, но сојузничките земји ѝ помагаат на Украина со пари и оружје, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг. Сепак, Алијансата е подготвена за конфликт доколку нејзината територија биде погодена.
„Деновите што доаѓаат веројатно ќе бидат полоши, со повеќе смртни случаи, повеќе страдања и повеќе уништувања. Ова ја покажува непромисленоста на оваа војна и важноста да се стави крај, како и важноста Русија да ги повлече своите трупи и да се посвети на дипломатските напори“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
„Ние не бараме конфликт. Но, ако конфликтот дојде кај нас, ние сме подготвени и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО“, нагласи Антони Блинкен, американски државен секретар.
ЕУ е подготвена и за нови санкции кон Русија.
„Мислам дека е важно да се имплементира Московскиот механизам и да се испрати мисија, да се види кои се актите што може да се сметаат за воени злосторства и повторно мислам дека е моментот во кој мора да бидеме обединети. Ова е критичен момент во историјата на Европа“, изјави Џозеф Борел, шеф на дипломатијата на Европската Унија.
Нападот на Русија врз нуклеарната централа беше причина Меѓународниот кривичен суд да започне истрага за можни воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид во Украина. Оваа иницијатива на Канада беше поддржана од 39 земји-членки.
„Сметаме дека на Русија треба да ѝ се суди за злосторства против човештвото и воени злосторства“, рече Мелани Ѓоли, министерка за надворешни работи на Канада.
Кина, која беше воздржана при гласањето во ОН за инвазијата на Русија и повика на повлекување на руските војници, вели дека е „сериозно загрижена за безбедноста“ на нуклеарните постројки во Украина.
Фатлуме Дервиши