Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ги повика сојузниците да одобрат проект за координирање на воената помош и обука за Украина во одбрана од руската инвазија.
Говорејќи пред дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, Столтенберг ги повика сојузниците „да го одобрат планот НАТО да ја води координацијата на безбедносната помош и обука за Украина“, јави ДПА.
Проектот е главен дел од одбранбениот пакет за Украина што 32-члената алијанса сака да го одобри на лидерскиот самит во Вашингтон во јули.
Во тек се разговори меѓу сојузниците за да се запечати обврската за долгорочна финансиска поддршка на Украина. Столтенберг претходно рече дека на Украина и се потребни минимум 40 милијарди евра (43 милијарди долари) секоја година.
Генералниот секретар на НАТО рече дека очекува министрите за одбрана во алијансата да го одобрат проектот за обука и поддршка в петок.
Столтенберг пред средбата обезбеди договор од унгарскиот премиер Виктор Орбан дека нема да го блокира спроведувањето на иницијативата на НАТО.
Орбан во замена доби уверување дека Унгарија нема да мора да учествува или да го финансира проектот.