Воената помош за Украина во вредност од речиси 61 милијарда долари, која Претставничкиот дом на САД во саботата ја одобри по неколкумесечна расправа, не е задоцнета, но нејзиното одложување имаше реални последици, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
-Украинците веќе четири месеци се оневозможени да дејствуваат, изјави синоќа Столтенберг во интервју за американската телевизија Ем-Си-ЕН-Би-Си (MSNBC).
„Русите имаа многу повеќе муниција. А Украина беше принудена да ја дистрибуира својата… Но, не е доцна. Украинците покажаа големи вештини во одбраната на својата земја“, нагласи генералниот секретар на Алијансата.
По неколку месеци застој, Претставничкиот дом на САД го одобри нацрт-законот за нов пакет помош со огромно двопартиско мнозинство, потсетува ДПА.
Се очекува кон средината на неделава законот конечно да биде изгласан и во Сенатот, каде не се очекуваат никакви опструкции, а потоа да биде потпишан и од претседателот Џо Бајден.