НАТО мора да остане фокусиран на Западниот Балкан, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
Северна Македонија на министерскиот состанок ја претставува министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Но, како што посочи и безбедносните прашања, пред сè случувањата на Блискиот Исток и Украина ќе бидат главни теми на овој состанок, а покрај тоа ќе стане збор и за глобалните предизвици на Пактот, првенствено поврзани со Кина, членството на Шведска.
„Неодамна се вратив од посета на регионот на Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија и се сретнав со лидерите од регионот. Тоа што го гледаме таму е дека тензиите се зголемуваат, подбуцнувачка реторика во БиХ, сериозни инциденти на насилство во Косово, вклучително и напад врз мировниците на НАТО, при што беа ранети војници на НАТО, некои од нив сериозно, како и инцидентот во Бањска, при што беа убиени три лица“, изјави Столтенберг.
Според генералниот секретар, НАТО ќе направи си што е потребно да одржи и да гарантира стабилност на регионот бидејќи тоа не е важно само за Западниот Балкан, туку и за цела Европа и НАТО.
„Ние сме присутни таму, работиме со силите на ЕУ во Босна и Херцеговина и имаме присуство во Косово и во сенка на зголемените тензии испративме 1 000 дополнителни војници. Ќе продолжиме да работиме со сојузниците и партнерите во регионот за да превенираме ескалација“, рече тој.