На манифестацијата „Годишни награди за режисерите“, која се одржа во Нови Сад, на истакнатиот македонски режисер Столе Попов му беше врачена наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Наградата му ја врачи легендарниот актер Предраг Мики Манојловиќ, откако воведно обраќање имаше Ненад Павловиќ, и самиот режисер по професија и син на Жика Павловиќ.
-Навистина е голема чест да се добие награда која го носи името на Живојин Павловиќ. Голем уметник, голем човек, фантастичен пријател и човек кој имаше големо разбирање за младите луѓе и кој беше една од најзначајните и најавтентичните личности не само на југословенскиот и балканскиот, туку и на европскиот филм. Неговите ставови и поимањето на естетиката на филмот беа блиски на моето убедување и токму тоа толку многу не зближи. Ова е навистина големо признание кое мене ми е подраго од сите награди што сум ги добил досега, рече Попов во своето емотивно обраќање.
Предраг Мики Манојловиќ врачувајќи ја наградата посочи дека имал среќа да соработува и со Павловиќ и со Попов, се запознал со нивните семејства и смета дека врската меѓу нив двајца е природна, а филмскиот ракопис и израз им е сличен.
Во рамките на манифестацијата „Годишни награди за режисерите“ се одржа конференција на Организацијата за заштита на авторските права и серии панели на Асоцијацијата на режисери од Балканот, на кои со останатите колеги од Балканот учествуваше Игор Иванов Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Мисијата на оваа манифестација е на професијата режисер да и го врати интегритетот и независноста на авторските идеи и да се избори за професионални услови за работа и промоција на нивните дела.
Текстот Столе Попов добитник на наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот е превземен од МАКФАКС.