Британскиот пејач и текстописец Стинг го продаде целиот свој музички каталог на „Јуниверзал мјузик паблишинг груп“, се соопштува на интернет-страницата на компанијата.
„’Јуниверзал мјузик паблишинг груп‘, водечкиот оддел за музичко издаваштво на УМГ, денеска го спроведе купувањето на музичкиот каталог на Стинг“, се вели во соопштението.
Компанијата ќе ги стекне правата за сите соло проекти на пејачот, вклучувајќи го и неговиот последен албум „The Bridge“, како и целата негова музика снимена со групата „Полис“. Подробности од договорот не се објавени, но според „Њујорк тајмс“, тој вреди 250 милиони долари.
„Мило ми е што УМПГ ќе управува со мојот каталог од песни. Важно ми е целата моја работа да биде ценета и почитувана, и така, не само да се поврзам со долгогодишните обожаватели на нов начин, туку и да ги презентирам песните на идните генерации“, објави Стинг на неговата официјална страница.
Стинг, чие родено име е Гордон Метју Томас Самнер, е роден на 2 октомври 1951 година во Велика Британија. Во 1977 година, тој ја создал „Полис“, со гитаристот Енди Самерс и тапанарот Стјуарт Коупленд. За пет години, од 1978 до 1983 година, бендот освоил шест „Греми“ награди и две Британски музички награди. По светската турнеја во март 1984 година, бендот се распаднал, а 3 десетлетија подоцна повторно се обединија – заради турнејата околу 30-годишнината од синглот „Роксен“.