Американскиот Стејт департмент соопшти дека одобрил предлог за продажба на оружје во вредност од 322 милиона долари на Украина за подобрување на нејзините капацитети за воздушна одбрана и обезбедување оклопни борбени возила на Киев.

Потенцијалната продажба, за која Стејт департментот го извести Конгресот, вклучува 150 милиони долари за снабдување, одржување, поправка и ремонт на американски оклопни возила, како и 172 милиона долари за ракетни системи земја-воздух, објавува АП.

Одобрението доаѓа неколку недели откога американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди привремено запирање на испораките на оружје во Украина за да може Пентагон да ги процени резервите оружје.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потоа го промени својот став јавно ветувајќи дека ќе продолжи да испраќа оружје во Украина, објавува агенцијата.

Трамп неодамна изложи план европските сојузници да купат американска воена опрема, што потоа би била испратена во Украина. Сè уште не е познато како најновиот предлог ќе влијае на овој аранжман.

Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, САД обезбедија повеќе од 67 милијарди долари во оружје и безбедносна помош за Киев.

Текстот Стејт департментот одобри продажба на оружје во вредност од 322 милиона долари на Украина е превземен од МАКФАКС.