Британскиот премиер Кир Стармер го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „го саботира мирот“ откако руските сили испукаа две ракети кон зградата на Британскиот совет во Киев утрово.

Премиерот потврди дека канцелариите на Британскиот совет биле погодени и додаде дека сочувствува со „сите погодени од бесмислените руски напади врз Киев“.

„Путин убива деца и цивили и ги саботира надежите за мир. Ова крвопролевање мора да заврши“, напиша Стармер на платформата X.

Британскиот совет, кој нуди програми на англиски јазик за Украинците во главниот град, соопшти дека неговите канцеларии се „сериозно оштетени“ и дека еден ноќен чувар е повреден. Во јуни, Москва им забрани на граѓаните да работат со институцијата, тврдејќи дека тоа е параван за британски шпиони.

Зградата во која се наоѓа делегацијата на Европската Унија во Киев, исто така, беше тешко оштетена во нападите, според официјални лица на ЕУ, кои го нарекоа нападот „намерен“.

Русија испали вкупно 629 дронови и 31 ракета, при што загинаа најмалку 15 лица, вклучувајќи четири деца, јавуваат светските медиуми.

Русија тврди дека во синоќешните напади гаѓала воени објекти користејќи хиперсонични ракети.

Фото: принтскрин

Текстот Стармер: Путин го саботира мирот, зградата на Британскиот совет во Киев беше бомбардирана е превземен од МАКФАКС.