Промената на владата нема да направи „никаква разлика“ за британската поддршка за одбраната на Украина од руската инвазија, го увери новоименуваниот премиер Кир Стармер денеска во Вашингтон украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Само што имав многу добар состанок со претседателот Зеленски, каде што јасно ставив до знаење дека што се однесува до Велика Британија, промената на владата не прави никаква разлика во поддршката што ќе ја дадеме, изјави Стармер по средбата.
Британскиот крал Чарлс Трети го назначи Стармер за премиер во петокот, по убедливата изборна победа во четвртокот на централно-левичарската Лабуристичка партија на Стармер, која беше во опозиција 14 години.
И покрај нивните домашни несогласувања, лабуристите и Конзервативната партија беа тесно усогласени за обезбедување воена поддршка за Украина од целосната инвазија на Русија што почна во февруари 2022 година.
– Ние бевме обединети за ова кога бевме во опозиција и ми беше навистина важно да можам да го потврдам тоа лично на состанокот. Не разговарав со него веднаш откако положив заклетва како премиер минатата недела, рече Стармер.
Тој додаде дека самитот во Вашингтон е можност неговата нова лабуристичка влада да ја потврди својата посветеност на НАТО, пренесува ДПА, јави МИА.