Месецот август асоцира на годишниот метеорски дожд Персеиди, кој се смета за најдобриот и најубавиот метеорски дожд во годината, пишува „Гардијан“.
Метеорскиот дожд, иако е активен од средината на јули до крајот на август, својот максимум ќе го достигне ноќта помеѓу 12 и 13 август.
Секоја година во ова време на својот пат околу Сонцето, Земјата го преминува патот на кометата Свифт Татл. Кометата, на која и требаат 133 години, за да орбитира околу Сонцето, зад себе остава „облак“ од вселенски отпад, а кога ќе влезе во атмосферата на Земјата и ќе почне да паѓа кон површината, „облакот“ свети поради триење и согорување, па ние го гледаме како одблесок или метеори.
Овој метеорски дожд, астрономите го именувале по соѕвездието Персеј, од кој правец очигледно и доаѓаат метеорите. Меѓу народот е познато и името „солзите на Свети Лоренс“.
Од темна локација, ќе може да се видат дури 60-100 метеори како се провлекуваат низ небото во сите правци. Условите за гледање оваа година се добри, бидејќи само 10 проценти од површината на Месечината ќе биде осветлена.
Инаку, Персеидите се третиот најинтензивен дожд од метеори, со фреквенција од околу 100 метеори на час, а фактот дека се случува во лето кога видливоста е поголема, го прави најпопуларен.
Овој метеорски дожд ќе биде видлив цела ноќ до зората, па ако можете, најдете место во природа каде нема светлосно загадување и уживајте во овој небесен спектакл.