Во Истанбул денеска се одржуваат првите директни преговори меѓу руската и украинската делегација по повеќе од три години.
Извори од турското Министерство за надворешни работи и Украина потврдиле дека состанокот за завршен по нешто повеќе од еден час, а информацијата беше цитирана од повеќе светски медиуми. Сепак, руската државна агенција „РИА Новости“ објави дека преговорите не се завршени, туку страните во моментов прават пауза, повикувајќи се на неименувани извори.
Средбата се одржува без рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Од украинска страна преговорите ги води министерот за одбрана Рустем Умеров, додека во руската делегација е советникот на Кремљ Владимир Медински. Состанокот го отвори турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој го нарече „технички разговори“ кои можат да го отворат патот за средба меѓу лидерите на двете земји.
Иако средбата има симболична тежина, засега нема конкретни случувања.
„Русија постави барања кои се нереални и далеку го надминуваат сето она што е разговарано досега“, изјави по средбата извор од украинската дипломатија.
Според истиот извор, меѓу руските услови за прекин на огнот е и барањето украинските сили да се повлечат од сопствената територија, што Киев веднаш го одбил.
„Имаше и други предлози кои беа неприфатливи од самиот почеток“, додаде изворот.
Претходно денеска, Зеленски од Тирана рече дека светот мора да одговори ако мировните напори на Русија се само театарски, и повика на нови санкции кон Москва.