Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пристигна во Москва, пречекан од рускиот инвестициски претставник Кирил Дмитриев.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој предупреди дека ќе воведе санкции врз Русија ако Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, претходно изјави дека Виткоф би можел да отпатува во Москва оваа недела во уште еден дипломатски напор за прекин на непријателствата.
Руски извор вклучен во подготовките за посетата не кажа со кого ќе се сретне Виткоф во Москва, но извор запознаен со планот изјави за „Ројтерс“ во Вашингтон вдека Виткоф ќе се сретне со руските лидери во среда, додека Кремљ во понеделник соопшти дека Виткоф би можел да се сретне со Путин.
Трамп изјави дека ако Русија не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, ќе се соочи со нови санкции. Мерките би вклучувале високи тарифи за земјите што купуваат нејзина нафта, од кои најголеми се Индија и Кина.
Но, Путин веројатно нема да се согласи на ултиматум бидејќи верува дека ја добива војната и дека неговите воени цели се поголеми од неговата желба да ги подобри односите со САД, изјавија за „Ројтерс“ три извори блиски до Кремљ.
„Посетата на Виткоф е последен обид да се најде решение што би го спасило образот за двете страни. Сепак, не мислам дека ќе има некаков компромис меѓу нив“, рече Герхард Мангот, австриски аналитичар и член на група западни академици и новинари кои редовно се среќавале со Путин во текот на годините.
„Русија ќе инсистира дека е подготвена за прекин на огнот, но (само) под условите што ги формулирала во последните две или три години“, рече тој во телефонско интервју.
„Трамп ќе биде под притисок да го стори она што го најави – да ги зголеми царините за сите земји што купуваат нафта и гас, а можеби и ураниум, од Русија.“
Фото: ЕПА
Текстот Специјалниот претставник на Трамп пристигна во Москва е превземен од МАКФАКС.