Тибор Гаспар, заменик-претседател на словачкиот парламент и пратеник од владејачката партија Смер, ја спореди Украина со милитантната група Хамас.
„Роберт Фицо постојано зборуваше за тоа како ги перцепира дејствијата на Русија. Тој верува дека почетокот на војната е кршење на меѓународното право, но… ова е провоцирана агресија“, рече Гаспар.
Пратеникот отиде подалеку, изедначувајќи ја Украина со Хамас и неговиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. „Ова е ист вид провоциран конфликт како кога терористите од Палестина го нападнаа Израел. Војната се разви на потполно ист начин“, тврдеше тој.
„Киев Индепендент“ пишува дека оваа споредба „ја искривува реалноста со тоа што ја изедначува Украина, суверена држава која се брани од руска инвазија, со Хамас, милитантна група прогласена за терористичка од неколку земји, која масакрирала цивили и земала заложници“.
Откако се врати на власт во 2023 година, Фицо и неговата партија Смер ја прекинаа воената помош за Украина и ги оспорија европските санкции кон Русија. Дополнително, Фицо објави дека ќе го блокира пристапот на Украина во НАТО.
За време на состанокот со Фицо во Пекинг минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го пофали ставот на Братислава како „независна надворешна политика“ која дава „позитивни резултати“. Словачка, заедно со Унгарија под премиерот Виктор Орбан, се соочува со растечки критики од европските сојузници за продлабочување на врските со Москва.
фото: принтскрин
Текстот Сојузникот на Фицо ја спореди Украина со Хамас: „Ова е ист вид провоциран конфликт“ е превземен од МАКФАКС.