Тим истражувачи од Институтот за модерна физика при Кинеската академија на науките го разви првиот медицински акцелератор за лекување од рак со тн. тешка јонска терапија во оваа далекуисточна земја, со независни права на интелектуална сопственост и го стави во клиничка примена, јави Синхуа.
– Никогаш не мислев дека ќе можам да го победам туморот… По следењето на неколку дози од третманот, клетките на ракот во телото исчезнале, изјави излечен пациент кој заздравува во градот Ланжу во северозападната кинеска област Гансу.
Во споредба со традиционалната терапија со зрачење, тешката јонска терапија се смета за пооптимална, бидејќи вклучува помалку зрачење на здравите клетки. Периодот на лекување е пократок и терапијата може поделотворно да ги контролира клетките на ракот.
Терапиите со зрачење кои користат тешки јонски забрзувачи може „да ја бомбардираат“ целта со електрони со висока енергија за да ги убијат клетките на ракот. Успешната работа на медицинската опрема ја отвори вратата за независни иновации од првичните основни истражувања до конечната индустријализација и промоција, пишува стручното дневно „Кинеско научно гласило“.
Во 2006 година, Кина стана четвртата земја, по САД, Јапонија и Германија, која успешно спроведе клинички третман со тешки јони, кога четворица пациенти со канцер учествуваа во првичните клинички испитувања со тешка јонска терапија.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.