Офер Бронштајн, советник на францускиот претседател Емануел Макрон, изјави дека добил смртни закани откако јавно го поддржал признавањето на палестинската држава. Неговите зборови ги објави порталот „Еурактив“.
Според него, француската позиција за палестинското прашање се перцепира како „многу лоша“ во Израел, додека израелските власти се обидуваат да ја убедат јавноста дека признавањето на Палестина би значело поттикнување на антисемитизмот и наградување на радикалното движење Хамас.
„Затоа позицијата на Франција и претседателот Макрон се демонизира. И јас добивав смртни закани“, истакна Бронштајн.
Овој советник е близок соработник на претседателот Макрон за прашањата на Блискиот Исток и долгогодишен активист во областа на израелско-палестинскиот дијалог. Неговата изјава доаѓа во време кога Франција сè повеќе отворено се залага за ставот дека признавањето на палестинската државност е неопходен политички чекор.
Медиумите потсетуваат дека неодамна беше објавено дека Макрон го гледа признавањето на Палестина како инструмент за притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чии ставови во врска со војната во Газа предизвикуваат сè поостри критики во Европа.
Во исто време, беше објавено дека претставниците на десет земји ќе презентираат заедничка изјава за признавање на палестинската држава на Генералното собрание на ОН, а меѓу нив ќе биде и Франција. Овој чекор се толкува како силен сигнал дека европските земји се обидуваат да го артикулираат својот пристап кон конфликтот на Блискиот Исток, независно од ставовите на Соединетите Американски Држави и Израел.
Фото: принтскрин
Текстот Советникот на Макрон добил смртни закани за признавањето на Палестина е превземен од МАКФАКС.