Светската професионална билијард и снукер асоцијација (WPBSA), сака снукерот да стане олимписки спорт од Игрите во Бризбејн во 2032 година.

Иницијативата доаѓа откако Кинезот Жао Синтонг кој ја освои светската титула во Шефилд, каде што го победи трикратниот шампион Марк Вилијамс со 18-12 во финалето на светското првенство, откако во полуфиналето го победи седумкратниот шампион Рони О’Саливен.

Оваа победа му донесе награда од 500.000 фунти, а според проценките, натпреварот го следеле околу 150 милиони гледачи во Кина.

Земјата, која има повеќе од 300.000 сали за снукер, доживеа вистински бум во спортот, што WPBSA сака да го искористи за да го воведе снукерот на Олимписките игри, можеби уште на Игрите во Бризбејн во 2032 година.

„Со оглед на големината на снукерот денес и колку Кина значи за Меѓународниот олимписки комитет, мора да се каже дека сега е вистинското време за снукер. Учеството на Олимписките игри би било пресвртница. Параолимписките игри се исто така можност. Верувам дека Бризбејн е реална цел“, рече претседателот на WPBSA, Џејсон Фергусон.

Успехот на Жао доаѓа откако тој отслужи 20-месечна суспензија поради вмешаност во скандалот со наместени натпревари, кој фрли сенка врз кинескиот снукер, при што вкупно десет играчи од земјата беа суспендирани.

„Ова е еден од најголемите моменти што ги доживеал снукерот. Во Кина, снукерот се третира како национален спорт. Враќањето на светскиот шампион во Кина како национален херој ќе го подигне снукерот на повисоко ниво“, додаде Фергусон.

Текстот Снукерот ќе стане олимписките спорт? е превземен од МАКФАКС.