Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за прв пат сними планета надвор од Сончевиот систем, од која е оддалечена 110 светлосни години, објавија научниците.

„Веб“ направил директна фотографија од млада планета, тип на гасен џин со големина на Сатурн, која орбитира околу ѕвезда помала од Сонцето, оддалечена околу 110 светлосни години од Земјата во соѕвездието Антил, велат истражувачите.

Планетата орбитира околу својата ѕвезда, наречена TWA 7, на растојание од околу 52 пати поголемо од орбиталното растојание на Земјата од Сонцето, а за споредба, Нептун орбитира околу 30 пати подалеку од Сонцето отколку Земјата, објавува Ројтерс.

Новооткриената планета и нејзината ѕвезда се екстремно млади – стари околу шест милиони години, во споредба со возраста на Сонцето и нашиот Сончев систем од приближно 4,5 милијарди години.

Повеќето од приближно 5.900 егзопланети откриени од 1990-тите години наваму се откриени со индиректни методи, како што е набљудување на мало затемнување на светлината на ѕвездата кога планета поминува пред неа, наречен метод на транзит.

Помалку од два проценти од планетите надвор од Сончевиот систем се директно фотографирани, како што направи „Веб“ со новоидентификуваната планета.

Иако оваа планета е голема кога се гледа во контекст на нашиот Сончев систем, таа е всушност најмалку масивната планета откриена со директно снимање и 10 пати помала од планетата за која претходно се сметаше дека е најмала.