Министерството за внатрешни работи на Мароко соопшти дека најголем број жртви има во провинцијата Ал Хуаз, а по неа, според смртнио биланс е провинцијата Тарудант. Во Маракеш, бројот на загинати, како што пренесуваат агенциите, е помал, но градот кој е под заштита на УНЕСКО претрпе значителна материјална штета во силниот потрес

Оперативната директорка на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Керолин Холт предупреди дека следните 24 до 48 часа ќе бидат критични во смисла на спасување животи

Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес кој во петокот доцна вечерта по локално време го погоди Мароко се искачи на повеќе од 2 000 луѓе, а речиси идентичен е и билансот на повредени, јавуваат светските медиуми.

Според Министерството за внатрешни работи на земјата повеќе од 1 400 луѓе се тешко повредени, а најголем број од жртвите се во провинциите јужно од градот Маракеш, кој исто така беше силно погоден од земјотресот.

Многу луѓе во погодениот регион втора ноќ по ред поминаа на отворено, јавува Би-би-си.

Земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала го погоди Маракеш и многу други градови, а во оддалечените планински области, цели села, според сведоштвата, се срамнети со земја.

Епицентарот на потресот бил во планинскиот венец Висок Атлас, оддалечен околу 70 километри од Маракеш, град кој е со статус на светско културно наследство и кој е популарна дестинација за голем број турсти.

Земјотресот бил почувстуван и во главниот град на Мароко – Рабат, оддалечен околу 350 километри од епицентарот, како и во градовите Казабланка, Агдир и Есауира.

Министерството за внатрешни работи на Мароко соопшти дека најголем број жртви има во провинцијата Ал Хуаз, а по неа, според смртнио биланс е провинцијата Тарудант. Во Маракеш, бројот на загинати, како што пренесуваат агенциите, е значително помал, но градот кој е под заштита на УНЕСКО претрпе значителна материјална штета во силниот потрес.

Едноставните куќи, направени од кал, тули, камен и дрво во планинските сили близу епицентарот, според извештаите се целосно урнати, а властите велат дека ќе биде потребно време додека се процени штетата во овие оддалечени региони.

Властите на Мароко синоќа прогласија тридневна жалост во земјата, додека во меѓувреме трае трката со времето на спасувачките екипи и населението во потрагата по преживеани.

Одговорот на најсмртоносниот земјотрес во Мароко во последните децении може да потрае со месеци, ако не и со години, предупреди Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC).

Оперативната директорка на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Керолин Холт вчера предупреди дека следните 24 до 48 часа ќе бидат критични во смисла на спасување животи.

Земјотресот во петокот вечерта е најсмртоносниот што го погодил Мароко од оној во Ал Хосеима во 2004 година.

Овој потрес кој се случи на 24 февруари 2004 година имаше помала магнитуда од 6,3 степени по Рихтер, за разлика од петочниот – 6,8 степени, но ги однесе животите на повеќе од 600 луѓе, повеќе од 900 беа повредени, а речиси 15 000 останаа без покрив над главата.

Најсмртоносниот и најразорниот земјотрес во историјата на Мароко се случи на 29 февруари 1960 година во близина на градот Агадир на западниот брег на земјата, во кој загинаа повеѓе од 12 000 луѓе, а најмалку 35 000 останаа без покрив над главата.

Имаше релативно умерена магнитуда од 5,8 степени, но неговата плитка длабочина, близината до Агадир и квалитетот на градбата во градот го направија неговото влијание разорно.

Земјотресот доведе до промени во мароканските градежни кодови, но многу згради, особено руралните куќи како оние најтешко погодените на 8 септември 2023 година, не беа изградени за да издржат такви земјотреси.

Земјотресот од 8 септември го почувствуваа дури и луѓето на Канарските острови во близина на брегот на Мароко и во Алжир, неговиот источен сосед.