Во живописното село Смилево, под падините на планината Бигла, започна едукативната програма на фестивалот Зрно 2025 – еден од клучните настани во областа на алтернативната фотографија во регионот.

Од 17 до 23 јули, село со богата историја и природна убавина е домаќин на осум интензивни работилници, што ги водат искусни автори и едукатори од различни европски земји. Учесници од цела Европа учат, експериментираат и творат, заедно со локалната заедница.

Овогодишната програма вклучува следниве ментори и тематски области:

· Предраг Узелац (Нови Сад) – колодиумска фотографија

· Ивана Брезовац (Белград) – напредна црно-бела фотографија

· Мартина Павлоска (Милано) – креативна игра со Полароид

· Флориан Копр (Виена) – стратегии за развивање уметничка визија

· Вјеран Хрпка (Осијек) – Фоџо и хемиграм техники

· Дамијан Диаконеску (Темишвар) – гумоил и гум-бихромат принт

· Емилија Сандиќ (Белград) – експерименти со мордансаж

· Сашо Алушевски (Скопје) – цијанотипија и лумен принт

Како дел од фестивалската програма, на 19 јули, во соработка со НУ „Смилевски Конгрес“ и патувачкото кино на МакеДокс, ќе се одржи јавен настан во центарот на селото. Настанот вклучува:

· изложба на австрискиот фотограф Флориан Копр во кооперацијата,

· проекција на филм под отворено небо, и

· акустичен концерт на Филис Синановска (тамбура, ут).

Овој ден ќе биде вистински спој на современата фотографија, традицијата, заедништвото и отворениот дух на Зрно.

Посебен дел од годинашното издание е соработката со Државниот Архив на Македонија – одделение Битола, преку која учесниците ќе имаат можност да работат со дигитализирани негативи од колекцијата на Браќата Манаки. Преку процесот на печатење позитиви, се отвора можност за фотографско патување низ времето и културната меморија на Македонија, и на негативите од старите ненадминати мајстори, да им се даде современ дух, со користење на фотографски техники, некои постари од нивното творештво.

Фестивалот Зрно е посветен на алтернативната фотографија, со фокус на аналогни, историски фотографски постапки-каде секоја фотографија се изработува рачно и е уникат. Покрај работилниците, програмата опфаќа теренски активности, дискусии и простор за слободно творење – сето тоа во опуштена и инспиративна атмосфера.

Мотото на овогодинешното издание е: ФотоСинтеза – основа на животот!

Зрно е повеќе од фестивал – тоа е заедница што поврзува луѓе, култури и идеи, градејќи трајни релации меѓу поединци, институции и локални заедници. Повеќе информации: grain.mk/zrno-2025-2

Текстот Смилево станува уметничко јадро со фестивалот Зрно 2025 е превземен од МАКФАКС.