Парламентот на Словенија денеска на итна седница ќе расправа за владиниот предлог за признавање на државата Палестина, но нема да гласа за него, како што беше претходно планирано, поради повикот на Словенечката демократска партија (СДС) да се одржи консултативен референдум за ова прашање.
Словенечката влада во четвртокот испрати предлог до парламентот за признавање на државата Палестина, а премиерот Роберт Голоб изјави дека таа ќе биде признаена според границите од 1967 година или според границите што ќе бидат договорени во мировен договор во иднина, пренесува агенцијата СТА.
Додека трите партии од владејачката коалиција изјавија дека признавањето на Палестина е единствениот правилен начин за поддршка на мирот, опозициските СДС и Нова Словенија (НС) тврдат дека тоа е потег за кампањата пред изборите за Европскиот парламент.
СДС вчера поднесе барање за одржување на консултативен референдум за признавање на Палестина, со тврдење дека владиниот заклучок за признавањето нанесува долгорочна штета на Словенија бидејќи, како што се наведува, „дава поддршка на терористичката организација Хамас“.
Референдумот веројатно нема да го запре признавањето на Палестина бидејќи владејачката коалиција има мнозинство во парламентот, но ќе го одложи за најмалку 30 дена, наведува СТА.
Опозицијата во Словенија го спречи Собранието да гласа за признавање на државата Палестина