Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен следната недела ќе се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров „освен ако Русија не ја нападне Украина“, соопшти доцна синоќа Стејт департментот.
„Блинкен понуди средба со Лавров во Европа следната недела, Русите одговорија и предложија датуми за крајот на следната недела, на што се согласивме, под услов да нема руска инвазија на Украина. Доколку извршат инвазија во следните неколку дена, тоа јасно ќе покаже дека никогаш не биле сериозни во однос на дипломатијата“, изјави портпаролот на американското Министерство за надворешни работи Нед Прајс.
Неименуван претставник на Белата куќа изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ќе разговара со трансатлантските лидери за руските војници кои се акумулирале на границата со Украина и за напорите да надвладее дипломатијата во решавањето на украинско-руската криза.
Во меѓувреме, американскиот Сенат усвои резолуција со која се изразува поддршка за независноста на Украина и се предупредува за можноста од руска воена агресија врз земјата.
Чекорот на Сенатот дојде откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД ги имаат „сите сигнали“ дека за неколку дена ќе има потенцијален руски напад врз Украина.